ПРОТЕСНО ПИСМО ЗА ВОЗДУШНО ЗАГАДУВАЊЕ !!!

loading...

Ако не дај боже некоја мака те натера да излезеш на Кумановските улици, особено во вечерните часови се чувствуваш како да си во близина на некој стар, дотраен шпорет што постојано чади и во ноздри директно ти вметнува јаглерод моноксид, нитроген диоксид, сулфур диоксид, бензин и други отровни гасови. И додека ние чекаме да излезе „тој и да ни каже“ (алузија на изјавата на министерот за животна средина и просторно планирање – Садула Дураки) иако човекот децидно ни даде до знаење дека не се бави со граѓаните, секоја година бројот на заболени од белодробни болести се зголемува, а бројот на смртни случаи како последица од загадување на воздухот достигнува над 1500 лица. Последиците од загадувањето на воздухот се многудимензионални а Европската Агенција за Животна средина (ЕЕА) ги дели во неколку групи. Имено, ефекти врз здравјето на човекот кој се согледливи најмногу кај хроничните болни (асматичари), но и кај лица со кревко и ранливо здравје како што се бремените жени и новороденчињата, доенчињата и децата. Втора група на негативни ефекти се секако последиците врз екосистемот, земјената флора и фауна, оштетување на озонската обвивка што е причина за феноменот на глобално затоплување. Во одосно на причините за загадувањето најчесто се споменуваат – транспортни средства, комерцијални и институциски ресурси за производство на енергија, како и домаќинствата но и индустријата. Во зимскиот период загадувањето станува очигледен проблем, бидејќи концентрацијата на отрови во воздухот измерена преку П10 или П25 честички и нивно учество во воздухот го потврдува фактот дека зимскиот период аерозагадувањето е најнепосреден проблем на граѓаните. Во сиромашна земја како што е Македонија, уште и земја во транзиција со слабо изградена свест за припадност во урбана средина (иако трендот на миграција од села во градовите бил актуелен феномен уште пред многу децении) луѓето наоѓаат најразлични средства за преживување. Освен што во домаќинствата се горат огревни дрва кои инаку се скапи и не секое домаќинство може да си ги приушти, се горат секакви отпадни материјали од гуми до пластики. Покрај тоа што за загревање на домот се потребни енергетски ресурси, па тоа што се горат секаков тип материјали создава загадување, секако зимскиот период кога студеното време не дозволува да се пешачи со цел да се стигне од едно место до друго, па фреквенцијата на превозни средства е поголема. Сообраќајот станува погуст а издувните гасови придонесуваат за учество на отрови во воздухот кој ни е од кардинално значење за опстанок. Со однос на ваквата поставка на причините и последиците за воздушното загадување, постојат неколку домени на интервенција со цел санирање на последиците или превентивно делување.

1. Недоволно развиена еколошка свест е централниот проблем околу кој флуктуираат повеќето од експликаторните тези
Недоволно развиена свест се развива еволутивно со помош на едукација. Едукација на населението е една од дејствените модели во насока на промена.

2. Сиромаштијата е причина луѓето да се снаоѓаат и да се бескрупулозни кон средината
Цената на огревните дрва не е многу пониска од цена на струја или други енергетски ресурси за емитација на топлинска енергија. Заштедата од неколку илјади денари во домашниот буџет лесно може да се претвори во пари за болничко лекување. Едукацијата е повторно дејствен модел по оваа прашање.

3. Низ многу европски метрополи е воведена такса за палење на оган. Секоја емитација на чад која не е уредно пријавена во ингерентните институции се казнува парично и прекршочно.

4. Користење на јавниот превоз не ни го одзема општествениот престиж и моќта како луѓе. Користењето на сопствен автомобил може да претставува луксуз ако не е суштинска потреба, важно е да сфатиме дека автомобилот не ни ја купува општествената репутација ниту јавниот превоз ни го руши угледот. Во оваа општество на погрешно поставени вредности мора да се интервенира во насока на ревреднување на постапките и однесувањето.

5. Воведување на казни за сите индустриски погони во кои не се воведени филтри а не штитење на сопствениците затоа што се дел од олигархиската мрежа во Македонија.
Следното прашање е во кои услови се врши неправда индивидуална или неправда од државни институции и зошто ние граѓаните имаме право, како што би кажал почитуваниот министер кој не се бави со нас, да си тужиме?

1. Со член 8 од Уставот на Република Македонија со кој си играат како да им е даден приватен имот во наследство, се гарантира право на животна средина. А по иницијатива на ООН, 5 Јуни се воспоставува како глобален ден на планетата Земја со што се покажува значењето на здравата животна средина и околина во глобални рамки. Членот 8 од Уставот е автоматски прекршен со тоа што веќе неколку години наназад се мерат енормно високи индикатори за воздушно загадување за кое некој мора да понесе одговорност.

2. Индивидуалните права и слободи се фундираат врз т.н “Хобсово определување на слободата“ според која определба – секој еден е слободен да дејствува се додека не му го попречува слободата или остварувањето на правото на другиот. Горењето на секакви материјали нека биде акт на слобода, но не смее се додека го загрозува моето здравје и здравјето на други индивидуи. Во случај на нарушување на туѓата слобода, индивидуалната треба да се ограничи. Улогата на државата според Хобс во вакви случаи е да биде медијатор во настанатиот спор, затоа државата треба да го санкционира индивидуалното поведение кое го загрозува правото на другиот поединец. Со тоа државата има слобода да воведува санкции и казни доколку веќе едукативната програма за еволутивно подигање на свеста за животна средина не дава резултати.

3. Со непревземање на казнени или друг тип на дејности во насока на спречување на рушењето на правата и слободите, државата не ги почитува фундаменталните права и вредности на граѓаните и тој случај може да влезе во судска постапка.

4. Се додека имаме министри, административни службеници, градоначалници и советници кои земаат јавни пари за да спијат по канцеларии и организираат прослави и забави, а насптори тоа не знаат да дадат ниту коректна изјава за медиуми а не па да се позанимаваат со креирање на програма за воздушно загадување, ќе мора да умираме по улици и да смрдиме на гасна комора.

5. Но сите носители на надлежни функции се наш проблем, и почитуваниот министер Дураки е во право кога вели дека не е работа на министрите да се бават со граѓаните. Во секое нормално општество граѓаните се бават со работата на министрите а обратно е само во тоталитарните и авторитарните уредувања.
Затоа јас како граѓанин, како индивидуал и како човек ќе ги превземам сите постапки и легални механизми да учествувам во работата на владеачките институции бидејќи тоа е мое право и моја слобода. Следно на агендата ќе биде токму одбарана на правото за здрава животна средина за кое право треба да се бориме сите на кои тоа ни е нарушено. Дали тоа ќе го правиме со организација на простести, со праќање на протесни писма, со инсистирање да се воведат едукативни програми и да се санкционираат сите кои го причинуваат загадувањето или на некој друг начин, сè едно е. Важно е да се обединиме, зошто оваа не е прашање за тоа дали ќе живееме подобро, туку дали воопшто ќе преживееме?!

Освен што се однесуваме кон останатите како да сме „богом дани“ загадуваме цел екосистем, труеме невини животни и придонесуваме за дефектни растенија наместо да покажеме грижа за нив, сме толку сурови деструктори на сè што не сме го содале, туку сме го затекнале. Глорификацијата на човековата природа која е присутна во религиски и хуманистички доктрини треба сериозно да се доведе под сомнеж и подобро е да се уништи утопистичката приказна за „диогеновиот човек“ одошто таа да продолжи да пустоши сè пред себе.

You might also like