Савески: Силјановска е независна исто колку и Павле Шарениот, во политика нема независни

loading...

Гордана Силјановска била независна. Колку што Павле Богоевски беше независен. Се сеќавате на него? Не, на оној Павле од денес што ја изеде револуцијата. На оној Павле кога луѓето го мислеа дека е независен, непартиски, ама, ете, со СДСМ бил за да го паднеле режимот. Памтите тогаш колку луѓе веруваа дека тој ќе биде различен од другите? И, што бидна со него? Се покажа типичен партиски послушник. Независен, ама во смисла дека ништо не зависи од него.

Не мислам дека Павле е расипан човек. Ами, зошто тогаш ќути за истите практики на владеење против кои претходно протестираше? Зашто, влезе во партиската машинерија, која е истата и кај СДСМ и кај ВМРО-ДПМНЕ. Во такви партии – има да молчиш и да слушаш! И секогаш има некој газда кој ѝ помогнал на партијата, секогаш има лепач на плакати кој е без работа. Секогаш има причина зошто за „своите“ да се прогледа низ прсти.

Имам позитивно мислење за Силјановска како човек. Да веруваше повеќе во народот и самостојно да се кандидираше, можеби ќе сметав дека треба да се поддржи. Но, штом влезе во партиската машинерија на една од клиентелистичките партии, и таа ќе биде сомелена. Зашто не е до човекот, туку до машинеријата. Нема независни во политиката. СДСМ јаваше на поддршката од божеммните „независни“, сега ВМРО-ДПМНЕ јава. И тие што се независни, машинеријата ги прави зависни.

Треба нова политика во Македонија. А таа нова политика не можат да ја донесат клиентелистички партии во кои членуваат луѓе кои се таму за да фатат некоја коска за себе.

You might also like